Воздушниот простор над езерото Мичиген накратко затворен
Воздушниот простор над езерото Мичиген на северот на САД накратко беше затворен поради „национална одбрана“, соопшти синоќа американската управа за цивилно воздухопловство (ФАА). „ФАА накратко затвори дел од воздушниот простор над езерото Мичиген за да ги поддржи операциите на Министерството за одбрана. Воздушниот простор е повторно отворен“, се вели во соопштението.
Пентагон не реагираше на оваа вест, која доаѓа откако во рок од една недела беа соборени три летечки објекти во САД и Канада, од кои еден од американските власти оценија дека е кинески шпионски балон. Во саботата воздушниот простор над американската сојузна држава Монтана беше привремено затворен, но борбен авион испратен да истражува „аномалија на радарот“ не идентификуваше летечки објект.