Македонските Бугари на средба со шефот на дипломатијата Османи
Претставници на бугарските здруженија во Северна Македонија денеска треба да остварат средба со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Средбата доаѓа во пресрет на истекувањето за законскиот рок за пререгистрација на здруженијата, чиишто имиња се сметаат за навредливи и провокација која што предизвикува тензии меѓу Скопје и Софија. Бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Клубот „Цар Борис Трети“ од Охрид веќе се обратил до Централниот регистар и нивното барање е во процедура.
Тоа не е случај и со битолскиот клуб „Иван Михајлов“, кој најавува дека правдата ќе ја бара пред меѓународен суд. На 10 февруари до Централен регистар е доставено барање за усогласување на работата на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис III“ од Охрид со Законот за здруженија и фондации. „На барањето од подносителот е доставено известување за доставување на пријава и прилози согласно Законот за здруженија и фондации. Постапката по барањето е се уште во тек. За здружението „Иван Михајлов“ од Битола, не е поднесено барање за упис на промени согласно новите измени на Законот за здруженија и фондации“, велат од Централен регистар за ДВ.