Собраниската дебата за реконструкција на Владата продолжува
Денеска продолжува седницата на македонското Собрание на која се расправа за реконструкција на Владата која почна во понеделникот. Пратениците во вчерашното продолжение на оваа седница расправаа за Предлогот за разрешување на министри и заменици на министри од Алтернатива, односно за разрешување на министерот за здравство Беким Сали. Во почетокот на седницата, образложувајќи го предлогот за разрешување на кадрите на Алтернатива од Владата, партија која реши да премине во опозиција откако Алијанса за Албанците реши да се приклучи на владината коалиција, премиерот Димитар Ковачевски рече дека со реконструкцијата ќе се внесе нова енергија и ќе се стави крај на манипулациите за предвремени избори.
Се предлага разрешување на министрите за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и замениците за земјоделство Абдулшуќур Абедини и за образование и наука Лулзим Алиу. Сите се кадри на Алтернатива. Предлог за разрешување има и за заменик-министерот за одбрана Башким Хасани кој е дел од „огнената група“ во ДУИ. Претходно, Собранието ги констатираше оставките поднесени од министрите за правда Никола Тупанчески (СДСМ) и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини (ДУИ), како и за заменик-министрите за правда Агим Нухиу (ДУИ) и за здравство Владимир Рендевски (СДСМ).