Курти: Не може да има целосна нормализација со Србија без меѓусебно признавање
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека и покрај тоа што го разгледува предлогот на ЕУ за нормализирање на односите со Србија како добра основа за понатамошни разговори, конечниот договор треба да содржи меѓусебно признавање.
Курти пред новинарите во Приштина денеска изјави дека европските и американските претставници го прифатиле признавањето како дел од конечниот договор.
„Процесот на разговор сè уште не е започнат, треба да има средба на високо ниво што ќе ја свика високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и ќе видиме што и кога од разговорот. Но, не може да има целосна нормализација на односите без меѓусебно признавање. Така, на секоја средба што ја имавме со нашите европски и американски партнери, тие прифаќаат дека нормализацијата и признавањето не можат да се одвојат едно од друго“, рече Курти.
Косово и Србија го прифатија предлогот на Европската унија, кој во јавноста е познат како француско-германски план за нормализација на односите помеѓу двете земји. Предвидено е почитување на територијалниот интегритет, еднакви права, признавање на државните симболи и посебен третман на српската заедница на Косово.
Во документот не се споменува експлицитно меѓусебното признавање на Косово и Србија, како и членството на Косово во Обединетите нации, но од Србија се бара да не се меша во членството на Косово во меѓународните организации.
Косово и Србија водат дијалог за нормализација на односите од 2011 година, но двете страни имаат поинаков став за конечниот договор. Додека Приштина инсистира на меѓусебно признавање, Белград бара компромисно решение.