Пендаровски и вработените во Кабинетот ќе земат плата наредниве денови
Претседателот и вработените во неговиот кабинет во наредниве денови ќе добијат плата, во согласност со Колективниот договор и утврденото покачување од 5 проценти за административните службеници во Кабинетот за месец јануари.
Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, ,најдено е решение со Министерството за финансии, а административците во неговиот кабинет ќе добијат плата со покачување обезбедена од сопствени заштеди.
„Постигнатото решение предвидува внатрешна прераспределба на средства во рамките на постоечкиот и одобрен буџет за 2023 година за Кабинетот. Со ова решение целосно се почитува Колективниот договор, а уште еднаш повторуваме дека претседателот, именуваните лица и посебните советници не добиваат покачување на плати“, се појаснува во соопштението од Кабинетот на претседателот на државата.
Претседателот на државата Стево Пендаровски и неговиот Кабинет не земаа плата за минатиот месец, бидејќи Министерството за финансии немаше дополнителни средства за исплата на платите.