Неиздавањето на еврообврзницата нема да влијае врз кредитниот рејтинг, смета Ковачевски
Неиздавањето на еврообврзницата е од процедурални причини и не може негативно да влијае врз кредитниот рејтинг на државата, смета премиерот Димитар Ковачевски.
Иако најавена, еврообврзницата беше откажана бидејќи за неа е потребен потпис од министерот за правда, кој пак е во оставка поради најавената реконструкција во Владата и влезот на партијата Алијанса за Албанците, кои треба да го добијат ресорот Правда.
Ковачевски притоа истакна дека не сакале кршење на процедурите.
„До изборот на новиот министер, не сакавме да правиме прекршување на постапката. Вчера инвеститорската јавност беше информирана. Постапката ќе биде повторена и успешна штом ќе биде завршена реконструкцијата на Владата“, изјави Ковачевски.
Со издавањето на еврообврзницата, државата требаше да обезбеди 600 милиони евра коишто требаше да бидат искористени за отплата на стари долгови и еврообврзница што доспеваат годинава. Постојат стравувања дека со откажувањето на оваа еврообврзиница, следната може поскапо да ја чини државата.
Владата годинава планира да се задолжи за околу 700 милиони евра, колку што отприлика изнесува и буџетската дупка. Првата еврообврзница беше издадена во 2005 година. Најскапа беше таа од 2009 година за време на економската криза со камата од скоро 10 отсто, а најевтина ланската од 700 милиони евра со камата од 1,6 отсто. Каматата на последната еврообврзница пак изнесуваше 6,25 проценти на годишно ниво.