Судот во Стразбур ја отфрли тужбата против државата како преуранета
Европскиот суд за човекови права едногласно ја прогласи за недопуштена жалбата во предметот „Талески и другите против Северна Македонија“. Оттаму констатираат дека обвинетите и осудените претходно не ги исцрпиле сите можности на македонското судство.
Со тоа судот во Стразбур не ги ослободи од гонење поранешните владини функционери кои се жалеа на оспорено право за правично судење и на неприфаќањето на сега веќе поништената аболиција од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов. Со аболицијата во април 2016 година, Иванов опфати 56 лица осомничени во поголем број предмети кои беа под ингеренции на тогашното Специјално Јавно Обвинителство.
Ова предизвика реакции и улични протести, кои резултираа со измени во Законот за помилување за да му се отвори простор на Иванов за повлекување на аболициите.
Во Судот во Стразбур се жалеа дел од поранешните функционери против кои постапки отвори СЈО, a како причина за нив се наведува аболицијата им ја даде, а потоа ја повлече поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Прво во Стразбур се жалеше поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески. По него стигнаа и жалбите на поранешниот премиер Никола Груевски, неговите министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, секретарот на Владата Кирил Божиновски, директорот на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните градоначалници Тони Трајковски и Едмонд Темелко.