Централен регистар: Здруженијата што нема да ги усогласат имињата ќе бидат избришани
Денеска истекува крајниот рок за здруженијата да ги усогласат имињата и дејноста со Законот за здруженија и фондации за да не бидат избришани од Регистарот, информираа од Централен регистар.
Законските измени кои стапија на сила пред три месеци, предвидуваат здруженија да не може да носат имиња на лица кои се поврзуваат со фашизам и нацизам, или да имаат таква дејност. Тие дојдоа по отворањето на двата бугарски клуба во земјава, „Цар Борис Трети“ во Охрид и „Иван (Ванчо) Михајлов“ во Битола, кои носат имиња на личности за кои се смета дека се поврзани со фашистичкиот окупатор во Втората Светска војна.
Ако здруженијата не се усогласат до денешниот рок, од Министерството за правда во рок од еден месец треба да донесат одлука за неусогласеност, по што ќе следи бришењето.
„Организациите регистрирани согласно со одредбите на Законот за здруженија и фондации кои нема да ги усогласат името и/или називот, скратеното име, програмата, целите и дејностите се бришат од Регистарот врз основа на донесена одлука за неусогласеност од страна на министерот за правда по претходно добиено негативно мислење од Комисијата. Одлуката за неусогласеност од страна на Министерството за правда се донесува во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации“, се појаснува во соопштението.
Пред шест дена, до нив стигнал дописот за усогласување на работата на Здружението „Цар Борис Трети“, по што од Централниот регистар доставиле Известување и чекаат да поднесе пријава и прилози за соодветната промена. Од здружението „Иван (Ванчо) Михајлов“, не добиле ваков допис.