Стражар во британската амбасада кој шпиунирал за Русија осуден на 13 години затвор
Поранешен работник во обезбедување во британската амбасада во Берлин е осуден на 13 години и два месеци затвор поради шпионирање за Русија. Дејвид Балантин Смит (58) призна дека им давал доверливи информации на руските власти.
Тој бил фатен во тајна операција во која лажни руски агенти му понудиле можност да добие „многу чувствителни информации“.
Судијата Марк Вол рече дека обвиненијата поради кои Смит е осуден за дејствија го вклучуваат периодот помеѓу 2020 и 2021 година, но дека неговите „субверзивни активности започнале две години порано“.
Тој се изјасни за виновен во ноември за осум прекршоци според Законот за службени тајни, вклучително и едно обвинение поврзано со предавање информации на генерал-мајор Сергеј Чухров, военото аташе на Русија во Берлин, во ноември 2020 година.
Останатите седум обвиненија вклучуваат собирање информации кои би можеле да бидат корисни за Русија, од кои четири се однесуваат на офицер на МИ5 кој се претставувал како „Дмитриј“, руски државјанин кој наводно и пружал помош на Британија.
Смит рече дека се срами од своите постапки и додаде дека документите ги снимил откако испил неколку пива. Но, судијата го отфрли неговото каење, велејќи дека „вашето жалење не е ништо друго освен самосожалување“.
Судијата Вол додаде дека Смит бил мотивиран од неговите антибритански и проруски ставови. Тој ги отфрли доказите на Смит дека ги извршил злосторствата додека се борел со проблеми со менталното здравје.