Бугарија нема да влезе во еврозоната во 2024 година
Бугарија се откажа од воведувањето на еврото од 1 јануари 2024 година, како што беше планирано, изјави бугарската министерка за финансии Росица Велкова.
„Датумот 1 јануари 2024 година повеќе не важи. Новиот датум е 1 јануари 2025 година“, рече таа на прес-конференција.
Причината за одложувањето како што рече, е што парламентот не ги усвоил неопходните законски измени, а Бугарија не го исполнува критериумот за нивото на инфлација.
„Нашите европски партнери сметаат дека Бугарија доцни со усвојувањето на законодавството“, додаде министерката.
Одлуката за одложување на пристапот во еврозоната доаѓа откако на 2 април, државата се соочи со петти парламентарни избори за две години. Бугарскиот претседател Румен Радев го распушти последниот парламент на почетокот на февруари. Ниту една партија не можеше да состави влада.
Велкова во јануари предупреди дека неусвоените законски измени може да го одложат влезот на Бугарија во еврозоната. И покрај нејзиното предупредување, законите не дојдоа на ред за гласање.
Велкова на прес-конференција рече дека Бугарија нема да поднесе извештај за конвергенција на крајот на февруари, а со тоа се испушта и рокот за влез во еврозоната до почетокот на 2024 година. Одлуката е донесена по разговорите со европските претставници. Договорено е Бугарија да се залага за нов датум, кој би бил најдоцна до 1 јануари 2025 година.