Бугарската потпретседателка се сретнала со претставници на бугарската заедница во Скопје
Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова вчера, на враќање од Косово, во Скопје остварила средба со претставници на бугарската заедница во Македонија, при што им порачала дека тие се суштински дел од бугарската нација и дека ја играат виталната улога за ширењето на бугарската култура, јазик и вредности во РСМ, јави бугарската агенција БГНЕС.
На средбата што се одржала во Амбасадата на Бугарија во Скопје присуствувале научници, политичари, бизнисмени и граѓани. Јотова, осврнувајќи се на ситуацијата со инцидентот со Христијан Пендиков, нагласила дека властите во Софија го следат внимателно расчистувањето на тој случај, при што истакнала дека „бугарската самосвест, а не бугарските документи, те прават Бугарин“.
Јотова ја посочила и важноста за соработка меѓу бугарските културни клубови и граѓанските организации.
„Бугарската заедница во Македонија има богато културно наследство, кое заслужува да се чествува и негува. Промовирањето на бугарската култура и традиција во Македонија ќе ја зајакне бугарската заедница и ќе доведе до поблиски односи меѓу Бугарија и Македонија“, порачала Јотова.
Бугарија и понатаму останува на барањето за влез на Бугарите во македонскиот Устав, како услов за преговорите на Македонија со ЕУ. Односите се влошија на почетокот на оваа година, кога бугарски политичари во Скопје тврдеа дека Македонија е бугарска земја. Тензиите ескалираа по претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид.