Блинкен - Поддршка за Турција по земјотресот „колку што е потребно“
Соединетите Американски Држави ќе ја поддржуваат Турција „колку што е потребно“ по земјотресот, изјави на 20 февруари, државниот секретар Ентони Блинкен кој е во посета на Анкара.
А неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу рече дека нема потреба да се чека катастрофа за да се подобрат односите.
Во неделата Блинкен посети регион погоден го земјотресот во која загинаа повеќе од 46 илјади луѓе во Турција и северозападна Сирија пред две недели.
„САД и Турција не се согласуваат за секое прашање, но тоа е партнерство кое успеа да им одолее на предизвиците“, рече Блинкен во Анкара на заедничката прес-конференција со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Стејт департментот објави дека САД досега обезбедиле помош од 185 милиони долари за поддршка на погодените од земјотресот во Турција и Сирија.
Односите меѓу двете земји членки на НАТО се затегнати од 2019 година кога, меѓу другото, Анкара набави руски системи за ракетна одбрана.
Чавушоглу им рече на новинарите дека со Блинкен разговарале за планираниот договор од 20 милијарди долари за набавка на американски воени авиони Ф-16. Тој вели дека Турција би сакала американската администрација да испрати формално известување до Конгресот за Ф-16.
Тој додаде дека Анкара очекува поддршка од Конгресот за договорот.
Државниот секретар на САД, Блинкен на 20 февруари рече дека Вашингтон силно го поддржува брзиот пристап на Шведска и Финска во НАТО со оглед на чекорите што тие веќе ги презеле, иако неговиот турски колега ја истакна потребата од поконкретни чекори.
„Проширувањето на НАТО на Шведска и Финска не е билатерално прашање“, рече Блинкен на заедничката прес-конференција со Мевлут Чавушоглу во Анкара. Чавушоглу рече дека сите страни во Алијансата мора да ја убедат особено Шведска да преземе повеќе активности за да се одговори на загриженоста на Анкара.