Дојави за бомби во школи во Скопје и Прилеп
Полицијата спроведува безбедносни проверки во осум училишта во Скопје и во две во Прилеп, откако утрово на нивните електронски адреси пристигнале закани за поставена експлозивна направа.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, се наведува во соопштението на МВР.
Според извори на МИА, меѓу скопските училишта каде се врши безбедносно евакуирање се гимназиите „Јосип Броз Тито“ и „Никола Карев“ и Електротехничкото средно училиште „Михајло Пупин“.
Инаку, лажните дојави се испраќаат од месец октомври, и таргетираат главно училишта, но не се исклучени и трговски центри, станбени згради, стратешки објекти како Железница, Аеродромот, владини институции. Од министерството за внатрешни работи велат дека се работи за хибридна војна, а на испраќачите тешко им се влегува во траг.
Во неколку наврати имаше приведени, меѓу нив и малолетници, кои се сомничат дека праќале вакви мејлови.