Законот за данок за екстра профит на собраниска седница
Предлогот на закон за данок за солидарност, по скратена постапка е на дневен ред на денешната собраниска седница во македонскиот Парламент.
Со предлог законот се предвидува воведување на данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка.
Министерството за финансии образложува дека законот се носи по урнекот на Регулативата на ЕУ 2022/1854 од 6 октомври 2022 година за итна интервенција за решавање на проблемот со високите цени на енергијата заради ублажување на последиците од енергетската криза.
Преку плаќањето на овој вид така наречен данок на екстра профит, компаниите кои во услови на криза оствариле вишок профит, пропорционално ќе придонесат за ублажување на последиците од кризата.
Ваков данок ќе плаќаат фирмите кои заработуваат над 10 милиони евра и притоа во 2022 оствариле екстра профит, при што тоа е 20 отсто повеќе од четиригодишниот просек. Тие ќе треба да платат дополнителен данок на тој екстра профит, што во Буџетот ќе треба да донесе над 70 милиони евра. Според Владата, ваков дакон ќе треба да платат 180 компании.
Данокот ќе треба да се плати најдоцна до 31 мај, годинава.