Поднесено обвинение против Латас и Лазаров за ширење расистички и ксенофобичен материјал
Основното јавно обвинителство Скопје пред надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем против Драган Павловиќ-Латас и Стефан Лазаров.
Како што соопшти државното јавно обвинителство, двајцата обвинети преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство кон жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.
„Првиот обвинет, гостувајќи во интервју како поткаст на Јутјуб-канал на вториот обвинет, објавено на 14 февруари, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување. Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува, особено меѓу младата популација, сепак не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан“, соопшти ЈОРСМ.
Обвинителството информира дека случајот е документиран и обезбеден целокупниот доказен материјал, за кој велат дека ги потврдува елементите на кривичното дело што се казнува со една до три години затвор.
Поради опасност од бегство, од Обвинителство побарале одземање на пасошот на Павловиќ-Латас, а за двајцата обвинети и забрана за каков било јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал.
Ова доаѓа откако во онлајн емисија чиј автор и водител е инфлуенсерот Лазаров, а му гостува поранешниот уредник на Сител, Латас, гостинот зборува дека како 15-годишник со неколку другари злоставувале девојка која била претепана. Притоа, и двајцата се смеат за насилството.