Проверките завршија- сите денешни дојави за бомби се лажни
Лажни се сите денешни пријави за поставени бомби во институции, училишта, хотели и згради во Скопје, како и во едно училиште во Прилеп, соопштија од Министерството за внатрешни работи по проверката на терен.
Потврдата од МВР дека се работи за лажни дојави прво дојде за заканите во Градскиот трговски центар, Ист гејт мол, хотел Мериот, Музеј на град Скопје, Спомен куќа Мајка Тереза, Транспортен центар, ТЦ Бисер и кулите Џевахир.
Потоа проверките продолжија и во Природонаучниот, Археолошкиот и Музејот на ММБ, зградата Флатрон, Управниот суд, Претседателската вила на Водно, хотелот Александар Палас, СЦ Борис Трајковски и ФФМ, но и во 11 скопски училишта.
Сите беа евакуирани, за антитерористичките проверки, откако утрово пријавиле дека на нивните електронски адреси пристигнале закани за бомби.
Дојави за поставени бомби уште во октомври почнаа да стигаат на електронските адреси прво на училишта, а потоа и на други објекти. Властите велат дека испраќалите тешко се откриваат, се работи за хибридна војна, а ова е начин за сеење страв кај населението.
Македонија не е исклучок, до вакви случувања изминатата година се соочија повеќе земји од регионот. Досега сите испратени дојави за поставени бомби, по проверките, се покажа дека се лажни.