Дојави за бомби во над 30 училишта
Полицијата спроведува атнитерористички проверки во 32 училишта во Скопје и едно во Прилеп, откако на електронските адреси на училиштата на 22 февруари добиле дојави за бомби, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, велат од МВР.
Вчера дојави за бомби освен во училишта имаше и во институции, вклучително и во резиденцијата на Претседателот, хотели, згради и трговски центри во Скопје. По проверките полицијата соопшти дека дојавите биле лажни.
Дојави за поставени бомби уште во октомври почнаа да стигаат на електронските адреси прво на училишта, а потоа и на други објекти. Властите велат дека испраќачите тешко се откриваат, се работи за хибридна војна, а ова е начин за сеење страв кај населението.