ЦУК: Пожари во атарите на села во Велес, Прилеп и Тетово
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека попладнево пожари имало во атарите на велешкото село Бистрица, во атарот на прилепските села Бонче и Дрен, како и над тетовското село Боговиње.
Горат ниви и стрништа, а во селата Бонче и Дрен има шумски пожар, информираат од ЦУК.
„РЦУК - Велес известува за пожар во атар на село Бисрица, место викано Бистрички осој. Горат претежно ниви, стрништа и ливади. Екипа од Шумско стопанство Бабуна Велес е на терен и го контролираат пожарот. РЦУК - Битола известува дека има два активни пожари. Едниот е во село Бонче, општина Прилеп. Пожар има и во село Дрен, Прилепско кај кај манастирот „Свети Илија. За двата пожари е известена ЈП „Липа“ и состојбата се следи“, се наведува во соопштението до јавноста.
РЦУК - Тетово, јавува за пожар над селото Боговиње. На терен се екипи од противпожарната единица од Тетово и Националниот парк. И тука, како што се посочува, состојбата се следи.
Како што се наведува во соопштението, РЦУК – Скопје, известува дека шумскиот пожар кој беше активен од вчера во местото викано Салиева Ливада помеѓу Држилово и Елово е локализиран во раните утрински часови. Пожарот кој беше активен во текот на вчерашниот ден кај село Добридол во текот на ноќта се самоизгаснал.