Гир-Скопје и Софија подеднакво да се вложат во добрососедските односи
Скопје и Софија треба да вложат подеднакви напори за развој на добрососедските односи, изјави денеска евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир. Тој смета дека потребни се напори, но и преземање обврски од двете страни за спроведување на Договорот за добрососедство.
„Само така тој може да се имплементира во добра волја за да има корист двете страни“ одговори на новинарско прашање Гир на отворањето на Јуроп хаус во Битола.
Тој посочи дека користа од добрососедските односи е контекст на развивање на економијата, креирањето на нови работни места, културата и како и создавање на атмосфера тие односи да бидат попродуктивни и покорисни колку што е можно повеќе.
Според него, во контекст на Договорот за стабилизација и асоцијација, којшто е првиот договор за односи со ЕУ, и во контекст на пристапните преговори, како што рече, секогаш е од огромна важност да се развиваат добри релации во контекст на добрососедски односи.
„Она што сакаме ние да видиме е оваа земја да биде оценета врз основа на напредокот што ќе го постигне во процесот на реформи и сите напори треба да се фокусираат на тоа, на креирање работни места, развој на енергетскиот сектор, животната средина, владеење на правото, она што директно влијае врз животот на граѓаните“, заклучи Гир.
Напнатите односи меѓу Македонија и Бугарија изминатиот месец интензивираа, а ситуацијата е таква во изминатите две години, откако Софија ги блокираше македонските евроинтеграции поради историски, јазичен и идентитетски спор.