Повредени пет сириски војници во израелски напад врз Хомс во Сирија
Пет сириски војници се ранети во израелски воздушни напади во текот на ноќта на 1 април во провинцијата Хомс во Сирија, јавија сириските државни медиуми, пренесе агенцијата АП.
Од почетокот на оваа година, Израел нападнал цели во Сирија девет пати, според опозициската Сириска опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија.
Државната новинска агенција САНА, повикувајќи се на воени извори, објави дека целните позиции се во градот Хомс и неговата околина, а сириската воздушна одбрана пресретнала и соборила некои ракети.
Опсерваторијата соопшти дека мета на нападите биле позициите на сириската војска и милицијата поврзани со Иран, вклучително и истражувачки центар.
Израел не ги коментираше последните воздушни напади.
Областите во Сирија под контрола на Владата во Дамаск се честа мета на израелската армија, за која Израел ретко презема одговорност, наведува АП.
Меѓутоа, Израел потврди дека ги гаѓа базите на екстремистичките организации поврзани со Иран, како што е либанскиот Хезболах.
Во израелски воздушен напад во март беше оштетен аеродромот во северниот град Алепо, поради што беше затворен два дена.
Аеродромот, меѓу другото, служи за доставување хуманитарна помош по катастрофалниот земјотрес што ги погоди Сирија и Турција на 6 февруари.