ЕУ е загрижена поради апсењето на кинеските активисти за човекови права
Европската Унија е сериозно загрижена за апсењето на двајца истакнати кинески активисти за човекови права. Во соопштението е наведено дека ЕУ повикува на итно ослободување на двајцата приведени во Пекинг минатата недела кои требало да се сретнат со европски претставници.
„Притворот на Ју Веншенг и Ксу Јан, непосредно пред нивната средба со претставниците на ЕУ во посета минатиот четврток, не е прифатливо“, одговори портпаролот на ЕУ за новинската агенција Ројтерс доцна во вторникот, додавајќи дека нивното „формално апсење во сабота е прашање на сериозна загриженост“.
„ЕУ побара од кинеските власти нивно итно и безусловно ослободување. Кинеската тековна акција против активистите за човекови права и адвокати е добро позната загриженост на ЕУ, која ја покренуваме на сите нивоа“ се вели во одговорот на портпаролот.
Кинеските власти не го потврдија притворот на двајцата, брачна двојка, а Бирото за јавна безбедност на Пекинг не одговори веднаш на барањето за коментар на новинската агенција Ројтерс.
Двојката планираше да се придружи на состанокот со главниот дипломат на ЕУ во посета на Азија, Гунар Виганд, амбасадорот на ЕУ во Кина Хорхе Толедо Албинана и претставници на кинеското граѓанско општество, изјави извор запознаен со ова прашање за новинската агенција Ројтерс.
Делегацијата на ЕУ во Пекинг во петокот соопшти дека тројца други адвокати за човекови права, Ванг Куанжанг, Ванг Ју и Бао Лонџун, биле ставени во домашен притвор.