Трамп: Кина и Русија и се ривали на Америка
Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека Кина и Русија се ривали на кои САД мора да им се спротивстават со „неспоредлива сила“ Во неговиот прв говор за состојбата на нацијата на заедничката седница на двата дома на Конгресот тој исто така побара да бидат исправени, како што рече, „фундаменталните недостатоци“ на нуклеарниот договор меѓу светските сили и Иран. 90 минутниот говор главно беше посветен на американските домашни прашања како обнова на инфраструктурата во земјата, епидемијата со опијати во некои американски региони и реформата на имиграциската политика. Но, Трамп во дел од говорот се фокусираше врз главните надворешно политички предизвици со кои се соочуваат САД. „Непријателски режими, терористички групи и ривали како Кина и Русија претставуваат предизвик за нашите интереси, нашата економија и нашите вредности“, рече Трамп, додавајќи: „Во конфронатцијата против овие опасности знаеме дека слабоста е најсигурниот пат до конфликт и оти неспоредливата моќ е најсигурниот начин за наша одбрана“. Трамп побара максимален притисок врз Северна Кореја, нарекувајќи го режимот во Пјонгјанг за „сурово диктаторство“. Тој објави и дека потпишал наредба за натамошно функционирање на американскиот затвор Гвантанамо на Куба.