Препукувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за странските инвестиции
За осум месеци владеење со државата СДСМ успеа да ја задолжи државата за цела милијарда евра, а притоа има отворено нула инвестиции и нула работни места, реагира ВМРО-ДПМНЕ на партиско соопштение на СДСМ во кое наведува дека осум нови компании започнуваат реализација на своите проекти за инвестирање во Македонија.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека компанијата „Костал„ е веќе посточеки капацитет, а компаниите „Мурат вајаринг систем“, „Чагатај“ и „ВИК“ своите одлуки за инвестиции ги донеле во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа значи дека четири од компаниите кои ги прикажуваат дека ќе инвестираат или се веќе присутни во Македонија или чекаа со месеци Владата на Заев и на Анѓушев да дадат согласност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека СДСМ нема никаков план, туку дека „се работи само за законски измени од кои ќар ќе имаат 4 или 5 фирми, меѓу кои и тие на Кочо Анѓушев, а за сите останати тој ќе делува дестимулирачки. Тој дури и ќе делува контрапродуктивно врз домашните фирми.“
СДСМ во соопштението наведува дека станува збор за инвестиции со вкупна вредност од 73,5 милиони евра со кои ќе бидат отворени над 1500 нови работни места.
Според владејачката партија Планот за економски раст продолжува да спроведува политики кои овозможуваат нови инвестиции, подобро платени работни места, поддршка на малите и средни претпријатија и заголемување на конкурентноста и извозот.