Дескоска: Одземени надлежности на градоначалникот Таравари во образованието
Вчера попладнето му се одземени надлежностите на градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари во делот на образованието и во тоа во делот што се однесува на именување и разрешување на директори на општински основни и средни училишта, информира министерката за образование и наука Рената Дескоска.
Таа одговарајќи на пратеничко прашање рече дека причина за тоа е фактот што долго време не можело да се воспостави законитост во работењето во делот на образовнаието.
„Овој процес траеше прилично долго во општина Гостивар со цел да се даде шанса да се испочитува Законот и да не одиме на најрадикалните мерки“, рече Дескоска.
Таа додаде дека решението веќе е испратено до општина Гостивар и ќе биде јавно објавено, а во него се опишани сите чекори што биле преземани од страна на Државната просветна инспекција.