Забрана за камиони, врнежи од снег во повеќе градови
Утрово од 7 часот воведена е забрана за сообраќајот на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Дебар, преку Маврово. Од АМСМ информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози.
Врнежи од слаб снег има во Тетово, Маврово, Попова Шапка, Битола, Прилеп, Охрид, Струга, Ресен, Кичево, Македонски Брод, Железнец, Крушево и на планинските премини Буково, Ѓавато и Пресека. На Попова Шапка има магла со видливост од 10 до 15 метри.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата на македонската страна на премините.