Иран: Нападите во Сирија ќе продолжат и во услови на прекин на огнот
Иран објави дека нападите врз "терористите" надвор од Дамаск ќе продолжат, но дека Техеран и сириската влада ќе го почитуваат 30-дневниот прекин на огнот на ОН во другите места во Сирија. Началникот на Генералштабот на иранската армија, генерал Мохамад Бакери, беше цитиран од полуофицијалната новинска агенција Тасним дека Иран и Сирија ќе се придржуваат до резолуцијата за прекин на огнот донесена еден ден претходно од Советот за безбедност на ОН. "Дел од предградијата на Дамаск, кои ги држат терористите, не се опфатени со прекинот на огнот, а таму ќе продолжат операциите", наведува Тасни цитирајќи ја изјавата на Бакери. Сведоците и набљудувачите рекоа дека насилствата во предградијата на Дамаск во голема мера се намалени денеска по усвојувањето на резолуцијата на Советот за безбедност. Британската сириска опсерваторија за човекови права соопшти дека владините сили спроведоа нови воздушни напади врз бунтовничката енклава во Источна Гаута, но дека таму нема регистрирано никакви жртви од усвојувањето на резолуцијата за прекин на огнот. Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел треба да одржат разговори денеска со рускиот водач Владимир Путин во врска со спроведувањето на 30-дневниот прекин на огнот во Сирија, објави француското претседателство. Канцеларијата на Макрон рече дека разговорите ќе се фокусираат на "спроведувањето на оваа резолуција и на политичкиот патоказ потребни за да се постигне траен мир во Сирија"