Европската перспектива на Западен Балкан - приоритет за Бугарија
Европската перспектива на Западен Балкан е висока на агендата на Бугарија која денеска во Брисел за првпат претседаваше со Советот за општи работи на Европската унија. Советот има за цел да ја координира работа и да ги подготвува самитите на шефовите на влади и држави на Европската унија.
Бугарска министерка за надворешни работи и претседавач на тој состанок, Екатерина Захариева, потврди дека претстојниот самит, кој ќе се одржи на 22 и 23 март во Брисел, ќе го стави Западниот Балкан високо на својата агенда.
„Ова е шанса која треба да ја искористиме и да дадеме јасен политички сигнал за поддршка на Западниот Балкан, без нереални очекувања“, изјави Захариева за медиумите.
Европските лидери на претстојниот мартовски самит ќе усвојуваат заклучоци за европската иднина на регионот, во пресрет на ЕУ-Балкан самитот кој треба да се одржи во Софија на 17 мај.