СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања за сомнителни финансиски извештаи
СДСМ денеска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на извештајот на Државниот завод за ревизија, за нереални податоци во финансиските извештаи што ги поднесувала партијата.
Нотирано е дека ВМРО-ДПМНЕ поседувала дури три сметки што е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии, а како одговорно лице за работењето е посочен Никола Груевски, рече пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов.
“Христијан Мицкоски, наследникот на Никола Груевски и негов советник токму во тој период, досега ниту еднаш не се огради од криминалните политики на неговиот претходник” рече Костадинов на прес конференцијата што ја одржа пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Подоцна, портпаролот на опозициската партија, Димче Арсовски, на прес конференција пред седиштето на СДСМ ја обвини владејачката партија за сомнителни трансакции исто така повикувајќи се на ревизорски извештаи.
“Од извештајот на државниот ревизор јасно се гледа дека СДСМ нема обезбедено документација за имотот на партијата. Зошто се уште не е обезбедена ваква документација? Дали тоа значи дека СДСМ сака да земе имот без да го плати? Дали имотот на СДСМ е донација и колкава е донацијата бидејќи законот не дозволува правно лице, кое и да е, не може да донира повеќе од 56.000 евра односно 150 плати или кај физички лица 75 плати? Штом имотот не е регулиран, дали СДСМ плаќа кирии и има договори со сопствениците или го крие неплаќањето на кириите?” праша Арсовски.