ВМРО-ДПМНЕ повика на протести утре во Битола
![ВМРО-ДПМНЕ повика на протести утре во Битола](https://gdb.rferl.org/D0C67604-E405-4087-A38A-4C9CDD5DF39A_w800_h450.jpg)
Од ВМРО-ДПМНЕ повикаа на протести утре попладне во Битола против договорот меѓу Македонија и Грција за спорот за името и погрешните политики на Владата. Протестот е предвидено да започне во 13.30 часот, а собирното место е пред спортската сала во Битола, ќе продолжи низ Широк Сокак се до споменикот на Гоце Делчев пред Домот на културата.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, како што соопштуваат, изградил став дека се работи за исклучително штетен договор, кој е во апсолутна спротивност со државните и националните интереси на Македонија. Акт на пораз и капитулантско дело на Зоран Заев, наведуват од ВМРО-ДПМНЕ.
Договорот сам по себе ги одразува грчките максималистички барања и според партијата, тој предвидува уставни измени кои ќе имаат несогледливи последици по идентитетот на државата и народот.