Захариева - Никој не е против европската перспектива на Западен Балкан, прашањето е кога, а не дали
![Захариева - Никој не е против европската перспектива на Западен Балкан, прашањето е кога, а не дали](https://gdb.rferl.org/7FFB3699-8F66-4F1D-A5F0-4D838AE4891E_cx0_cy1_cw0_w800_h450.jpg)
Бугарија утре пред Советот на ЕУ ќе предложи Македонија и Албанија да бидат поканети да започнат преговори за влез во Европската унија. Позицијата на Македонија е посилна од онаа на Албанија, истакна денеска вицепремиерката на Бугарија Екатерина Захариева.
Како што пренесе БТА, Захариева посочила дека повеќето земји членки го поддржуваат ставот веднаш да биде упатена поканата за почеток на преговори, но додала дека постои уште работа за да се убедат дел од државите кои се скептични.
Додаде дека со Франција треба уште многу да се работи, но истакна дека она што е важно е дека никој не е против. Појасни дека различните мислења се околу рокот кога да се почнат преговори, бидејќи нема држава која е против европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
„Сите сметаат дека има сериозен развој и прогрес во Западен Балкан. Прашањето е кога, а не дали. Станува збор за толкување на подготвеноста на земјите за влез во ЕУ“, рече Захариева.