Италија бара прифатни центри за мигранти во јужна Либија
Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини денеска во Триполи изјави дека неговата земја, на претстојниот Самит на ЕУ на 28 и 29 јуни во Брисел, ќе предложи отворање „прифатни и идентификациони центри“ за мигранти на југот на Либија. Тој денеска се сретна со потпретседателот на либиската влада на национално единство Ахмед Маитиг.
Салвини рече дека тие центри би можеле да бидат на самата јужна граница на Либија и оти би им помогнале и на Либија и на Италија во блокирањето на нелегалната миграција.
Маитиг рече дека ги повикал европските земји кои излегуваат на Средоземното Море да учествуваат на конференцијата за имиграција во Триполи во септември.
Салвини во Триполи се сретна и со претседателот Фајез ал-Сараџ и со министерот за внатрешни работи. Прашањето за мигрантите беше главна тема на мини самитот на лидерите на ЕУ што се одржа вчера во Брисел, но состанокот беше завршен без конкретен напредок.