Датумот и местото за средбата на Трамп и Путин ќе бидат познати утре
Советникот за национална безбедност на САД Џон Болтон потврди дека местото и датумот за средбата на претседателите на САД и Русија ќе бидат познати утре. Тој рече дека утре истовремено во Вашингтон и Москва ќе бидат објавени деталите за средбата на Доналд Трамп и Владимир Путин.
Болтон ова го изјави денеска по средбата со Путин во Москва. Тој додаде дека Трамп ќе отвори многу прашања на најавената средба, вклучително и тоа за наводното руско мешање во американските избори во 2016 година, нешто што Путин го негира.
Претходно иЈуриј Ушаков, советникот за надворешна политика на Путин рече дека Русија и Соединетите Американски Држави се согласни за датумот и местото на кое ќе се одржи состанокот на претседателите на двете земји.
Состанокот ќе се одржи во трета земја која е прифатлива за двете страни, рече тој, нагласувајќи дека ќе требаат уште неколку недели за подготовка.