Мијалков не се чувствува виновен за случајот „Трезор“
Поранешниот шеф на ДБК, Сашо Мијалков, како и Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски на денешното рочиште во Кривичниот суд за случајот „Трезор“ рекоа дека го разбрале обвинението, но оти не се чувствуваат виновни за предметното дело.
Во овој случај обвинет е и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, за кого Судот денеска одлучи да му се суди во отсуство. Обвинителот од СЈО, Артан Ајро во водениот говор рече дека „сме сведоци на случај каде обвинетите приватниот интерес го ставиле пред државниот“.
„Ќе докажеме дека ја искористиле својата положба и оствариле профит за компанијата „Финси“ во висина од 770 илјади евра, нанесувајќи штета на Буџетот. Ќе докажеме дека обвинетите во 2010 година во име на МВР оствариле контакт со фирма во Британија, но и покрај тоа набавката ја оствариле преку фирмата „Финсипо“ по цена повисока и тоа била прва зделка на „Финси“. Иако набавената опрема била застарена и нефункционална МВР потпишало договор за одржување и сервис со „Финси“ ДООЕЛ. Сето ова ќе го докажеме со материјални докази собрани од МВР и за кои е обезбедена декласификација“, рече Ајро.
Адвокатот на Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски во воведен говор истакна дека обвинението се темели на полуиндиции и оти одбраната нема да има тешка задача. Според адвокатите, и во материјалните и вербалните докази се изнесуваат тези кои целосно одат во корист на одбраната.