ВМРО-ДПМНЕ: Опозицијата не го блокира носењето на законот за медиуми
ВМРО-ДПМНЕ не го блокира носењето на законот за медиуми, напротив се обидува да издејствува подобро решение кое ќе гарантира поголема независност на регулаторните тела за медиуми и ќе ги направи отпорни на притисоците на власта, соопштуваат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека поднеле 60-тина амандмани кои произлегле од јавната дебата при креирање на предлог-текст за закон, со кои како што велат, ќе се спречи партизација преку начинот на избор на членовите на регулаторните тела.
„СДСМ и Роберт Поповски бараат начин веднаш, со политичка одлука, да бидат вметнати партиски кадри во овие тела. Со тоа пред истекот на рокот би се прекинал мандатот на актуелните членови. Притоа, ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со наведените критериуми кои ги предлага СДСМ и нивното Министерство за вистина.
Претставници на власта повеќе пати во изминатиов период велеа дека опозицијата со бескрајни дебати го кочи усвојувањето на законот за медиуми.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) на денешната прес-конференција исто така ја обвинија опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека „преку фиктивна амандманска расправа во собраниската Комисија за транспорт и врски го блокира донесувањето на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој е клучен за почнување на медиумските реформи во земјата и со кој треба да биде подобрен квалитетот на новинарството“.