Заев: Истрагата ќе покаже кој наредил во централите да се вгради систем за прислушкување
Премиерот Зоран Заев, по објавувањето на скандалот со прислушувањето во Јавното обвинителство, изјави дека одговорност мора да има, а истрагата ќе покаже кој дал наредба во телефонските централи да се вгради систем за прислушкување, изјави денеска на прес-конференција
Премиерот Заев, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека не знае во која државна институција е набавена слична или иста телефонска централа, но нагласи дека раководното лице во институцијата одлучува што ќе се употребува од вградената телефонска централа.
„Раководното лице во самата институција, одлучува што од тоа ќе се употребува. Имаме системи каде што има потреба од снимање како што е снимање за следење судски рочишта… Самиот претседател на суд, шеф на обвинителство, министер, премиер или кој било одлучува што тоа употребува или не. Начинот на донесувањето на одлуката дека тоа се употребува односно се става на снимање е кривично дело, и вториот дел начинот на користење на тоа е уште поголема злоупотреба. Истрагата треба да покаже навистина каде соодветното раководно лице дало наредба да се употреби односно да се вгради и вториот дел каде е тоа употребувано“, рече премиерот.