Унгарската опозиција бара одземање на азилот и екстрадиција на Груевски
![Унгарската опозиција бара одземање на азилот и екстрадиција на Груевски](https://gdb.rferl.org/183C2642-6EB6-434C-9217-E9A4987C3957_cx0_cy7_cw0_w800_h450.jpg)
Лидерите на три опозициски партии во унгарскиот Парламент, во заедничко писмо, повикуваат да му биде повлечен азилот на поранешниот македонски премиер Никола Груевски и тој најитно да биде екстрадиран во Македонија.
„Неприфатливо е да дознаваме од странските медиуми дека унгарската влада му дала азил на криминалец кој се бара со меѓународна потерница“, наведуваат во заедничкото писмо Берт Алан Тот, претседател на унгарската Социјалистичка партија, Сабо Тимеа, копретседател на партијата Дијалог за Унгарија и Ференц Гурчани, лидер на Демократската коалиција.
Трите опозициски партии му забележуваат на унгарскиот премиер Виктор Орбан и за тоа што ангажирал унгарски дипломати да му помогнат на Груевски да избега од Македонија преку неколку балкански земји и што целиот случај властите во Будимпешта го обвиткале со лаги и нетранспарентност.
Унгарската опозиција реагира и поради тоа што властите не дозволиле за случајот на Груевски да се расправа во Парламентот. Отвореното писмо на унгарската опозиција е испратено до сите важни меѓународни организации и до амбасадите на повеќе земји.
Во писмото укажуваат и дека не се согласуваат со политиката на Орбан која, како што се наведува, им дозволува на „проруски криминалци како Никола Груевски да се движат слободно не само меѓу унгарските граѓани, туку и во цела ЕУ“.