Трамп – Во еден момент со Русија и со Кина ќе почнеме разговори за трката во вооружување
Американскиот претседател Доналд Трамп наведе дека е сигурен оти некогаш во иднина тој, кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин „ќе почнат разговори за значајно запирање на она што стана голема и неконтролирана трка во вооружување“. Трамп ова го напиша денеска на Твитер, по разговорите со Си Џинпинг и по кусиот разговор со Путин за време на Самитот на Г20 во Буенос Аирес минатата недела.
Трамп додава дека САД оваа година потрошиле 716 милијарди долари, сугерирајќи дека тоа е сумата потрошена за оружје и за одбрана, велејќи дека тоа е „лудо“.
Неговиот коментар доаѓа во време на тензии меѓу Вашингтон и Москва, откако Трамп во октомври најави дека САД се повлекуваат од билатералниот Договор за нуклеарни сили со среден дострел потпишан во 1987 година. Трамп рече дека САД се повлекуваат од договорот поради тоа што Русија го крши, како и поради тоа што договорот ги ограничува САД, но не и другите држави со нуклеарно оружје, како Кина, кои слободно развиваат и распоредуваат проектили.