Холандскиот суд пресуди - не може да се менува возраста
Холандскиот суд го отфрли барањето на човекот што сакаше да ја намали својата законска возраст за 20 години. Случајот привлече светско внимание.
Емил Рателблан минатиот месец побара од судот во Арнхем официјално да го промени неговиот датум на раѓање и наместо 69 години, колку што навистина има, да има 49 години. Тој тврди дека не се чувствува како да има 69 години и оти неговото барање е во согласност со другите форми на идентификација и трансформација во целиот свет, како што е промената на личното име или полот.
Сепак, судот денеска го отфрли неговото барање, со образложение дека холандските закони предвидуваат права и обврски поврзани со возраста, како правото на глас или обврската за запишување на училиште. Според судот, ако се прифати барањето на Рателблан, правата и обврските поврзани со возраста ќе станат безначајни.