Помпео со остри критики за Иран, Русија и Кина
Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска остро ги критикуваше Кина, Иран и Русија поради кршење на бројни договори и мултилатерални спогодби. Во денешниот говор пред германскиот Маршалов фонд денеска во Брисел, тој рече дека последните потези од овие три држави предизвикуваат нестабилност во светот.
Помпео рече дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп веќе не е спремна да ги прифаќа таквите престапи и дека има цел да се реформираат институциите кои ја формираа основата на меѓународниот поредок после Втората светска војна. Тој рече дека организациите на ОН, ЕУ, Африканската унија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка почнале да пропаѓаат и дека им е потребна промена.
Тој рече дека САД ќе продолжат да бидат лидер, укажувајќи дека „лошите актери“ ги користат дупките во прописите на овие институции за сопствена корист.
Помпео во Брисел учествува во дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО.
Трамп во октомври најави повлекување од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел од 1987 година, велејќи дека Русија го прекршува од 2014 година. Сојузниците од НАТО бараат од Трамп да не се повлекува од договорот, туку да работи за Русија да почне да го почитува.
Тој исто така врши притисок врз Светската банка и ММФ да го намалат финансирањето на држави како Кина, велејќи дека тие веќе имаат пристап до финансиските пазари ако им треба капитал.