Судир на два американски воени авиони во Јапонија
Два авиона на американската армија со вкупно седуммина членови на екипажот се судриле за време на вежба над Јапонија, информираат денеска претставници на американската армија, додавајќи дека двајцата пилоти од ловецот Ф-18 се пронајдени живи.
Авионите полетале од базата Ивакуни на редовна вежба за полнење гориво во воздух. Американските медиуми јавија дека во авионот Ф-18 имало двајца членови на екипажот, додека во транспортниот авион Ц-130 имало петмина.
Неименувани претставници рекоа дека едниот од пилотите на ловецот бил пронајден и дека е во стабилна состојба, додека другиот е префрлен во болница.
Армијата отвори истрага за причините што довеле до судирот.
Во американските воени бази во Јапонија се стационирани над 50 илјади припадници на армијата на САД.