Хуманитарни организации гo прекинуваат спасувањето мигранти во Средоземното Море
Хуманитарните организации Доктори без граници и СОС-Медитеранска соопштија дека нивниот брод за спасување мигранти ги прекинува операциите поради нападите од членки на ЕУ.
Доктори без граници ги обвини Италија и другите европски држави за клевети и попречување на работата на нивниот брод Аквариус со кој од 2016 година се спасени околу 30 илјади мигранти во меѓународните води меѓу Либија, Италија и Малта.
„Не само што Европа не успеа да обезбеди капацитети за потрага и спасување, туку активно ги саботира туѓите обиди за спасување животи“, реагира организацијата, која е добитник и на Нобеловата награда за мир, во синоќешното соопштение.
Во јуни, Аквариус стана симбол на политичката и дипломатска криза околу мигрантите во Европа, кога Италија ги затвори своите пристаништа за бродот на кој имаше 630 луѓе. Бродот од октомври е во француското пристаниште Марсеј. Во ноември, Италија нареди запленување на бродот, како дел од истрагата за наводите дека пренесувал тони потенцијално отровен отпад, како и обичен отпад во италијанските пристаништа.
Директорот на СОС-Медитеранска, Фредерик Пенар изјави дека невладината организација „активно трага по опции за нов брод“.