Иран сака продлабочување на соработката со Турција
Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека Иран сака да ги подобри односите со Турција и оти договорот меѓу Анкара и Техеран за соработка на повеќе полиња, вклучувајќи ги и банкарството и енергетиката, треба побрзо да се примени, јави агенцијата Анадолија. На интернет страницата на иранскиот претседател е објавено соопштение за средбата на Рохани со претседателот на турскиот Парламент, Бинали Јилдирим, во рамките на Средбата на претседателите на парламентите за борбата против тероризмот и екстремизмот.
"Волјата на Иран е искрените односи со братска и пријателска Турција да се унапредуваат во секое поле", рече Рохани и додаде дека поради обидот за државен удар (во Турција), Иран зазема цврст и транспарентен став во однос на стабилноста и зајакнувањето на Турција.
Иранскиот претседател исто така го поздрави ставот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган против санкциите на САД и конструктивниот однос кон прашањата за исламската заедница. Истакнувајќи дека Турција, Иран и Русија донеле две одлуки на неодамнешните состаноци, Рохани нагласи дека овие одлуки имаат значителна корист во однос на финансиската соработка и регионалните прашања, пренесува Анадолија.