Кина побара од Канада да ја ослободат директорката на Хуавеј
Кина ја предупреди Канада дека ќе има сериозни последици ако итно не ја ослободи финансиската директорка Хуавеј Менг Ванжу, која беше уапсена на 1 декември по барање на САД за сомневања за измами поврзани со наводно нарушување од страна на кинеската компанија на американските санкции против Иран. Менг може да биде екстрадирана во САД, но се уште не е донесена таква одлука. Ако биде екстрадирана во САД, Менг ќе биде обвинета за заговор со цел измама на повеќе финансиски институции. За секоја точка од обвинението се предвидува казна до 30 години затвор. Менг е ќерка на основачот на кинеската компанија „Хуавеј“, Рен Женгфеи, а во САД уште од 2016 година е покрената истрага против компанијата поради наводен извоз во Иран на производи кои потекнуваат од САД.
Апсењето на Менг се случи во „чуден момент“, бидејќи американскиот и кинескиот претседател, Доналд Трамп и Си Џинпинг неколку дена претходно најавија 90-дневно „примирје“ во трговската војна. Апсењето на Менг би можело да ги искомплицира трговските преговори помеѓу Пекинг и Вашингтон.