Вучиќ: Нема да исполнам ниедно барање на опозицијата
![Вучиќ: Нема да исполнам ниедно барање на опозицијата](https://gdb.rferl.org/3788A47E-EDD0-4D9F-81F4-967FD56FE06A_cx45_cy4_cw55_w800_h450.jpg)
Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека нема да исполни ниту едно барање на опозицијата, колку и да излегуваат на улица и колку и да траат протестите во Белград.
“Шетајте колку и да сакате, јас никогаш нема да ви исполнам какво било барање. Може и пет милиони да се соберете. Јас нема да работам под притисок и затоа се разликувам од сите други”, изјави Вучиќ.
Тој за опозицијата која минатата ноќ организираше протестно шетање во Белград под мотото „Стоп на крвавите кошули”, во знак на протест поради тепањето на еден од лидерите на Сојузот на Србија Борко Стефановиќ, рече дека тие можат да шетаат колку што сакаат, само никому да не им ги кршат главите и да не уништуваат имотот.
Вучиќ додаде дека на митингот не видел многу млади луѓе и оцени дека најзастапен бил средниот слој и горниот среден слој и дека треба да се истражи зошто тие се незадоволни. Тој рече дека од протестот не е испратена никаква сериозна порака.