Филмска кражба во Романија – Краделе од камиони во движење
Романската полиција уапси седуммина мажи поради сомнеж дека во каскадерски грабеж се качиле на камиони во движење и притоа украле лаптопи и друга електронска опрема во вредност од 50 илјади евра. Портпаролот на полицијата Драгос-Циприан Романеску соопшти дека кражбата се случила синоќа на автопат во источна Романија. Тој за новинската агенција Асошиејтед прес изјави дека крадците биле во три автомобили, од кои еден возел пред, а еден зад камионот. Според него, најмалку еден од крадците се качил на хаубата на автомобилот, а потоа влегол во камионот.
„Било како во филмовите“, изјави полицискиот портпарол, додавајќи дека крадците си ги ризикувале животите.
Уапсените, кои се на возраст од 27 до 44 години, биле под полициска присмотра, зашто полицијата се сомневала дека и порано изведувале такви грабежи.