Кашоги и други новинари – личност на годината на Тајм магазин
Убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги е прогласен за личност на годината во изборот на магазинот Тајм, а таа почест ја подели со повеќемина други новинари. Освен него, именувани се и филипинската новинарка Марија Реса, затворените мјанмарски новинари на Ројтерс, Ва Лоне и Кјав Со О, како и редакцијата на американскиот локален весник Капитол газет, чии петмина вработени беа убиени во нападот на 28 јуни во Анаполис, Мериленд.
Главната тема е насловена „Чувари и војна за вистината“. Тајм магазинот соопшти дека ги избрале новинарите во време кога „критичката демократија е под закана и од владите, и од технолошкиот напредок. Ова е прв пат повеќемина новинари да бидат прогласени за личност на годината на Тајм, кој го прави изборот од 1927 година. Исто така, никогаш претходно, починат човек не бил прогласен за најзначајната личност во изминатата година.
Тајм оваа недела издаде четири различни насловни страни за да ги истакне избраните новинари. Ова е втор пат Тајм да избере група луѓе, а не поединец. Лани за личност на годината беа избрани луѓето кои го пробија „ѕидот на молк“ за сексуалните злоупотреби.