Фого: НАТО подготвен во блиска иднина да и посака добредојде на Македонија
НАТО се надева дека во блиска иднина ќе и посака добредојде на Македонија како 30-ти сојузник во Северноатлантската алијанса, изјави денеска во Скопје командантот на Здружената команда на сојузничките сили во Неапол адмиралот Џејмс Фого кој е во посета на Македонија.
„НАТО го цени неверојатниот напредок што го направивте и е подготвен во блиска иднина да ви посака добредојде како 30-та земја членка. Посветеноста на другите 29 сојзуници на вашата безбедност ќе ја потврди стабилноста на земјата. Ве уверувам дека НАТО ќе продолжи да обезбедува помош секаде и секогаш кога ќе може“, изјави Фого.
На средбата со Фого, Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска ја потенцираше долгогодишната соработка помеѓу МО и АРМ и Здружената команда на сојузничките сили во Неапол која, како што посочија од Министерството, придонесе Македонија да биде подготвена да стане 30-та земја членка на НАТО.
"Убедени сме дека на почетокот на 2019 година Македонија ќе биде на масата заедно со сите сојузници, земји членки во сојузот, а веднаш потоа со успешно ратификуван процес ќе бидеме и 30. членка на НАТО“, рече Шекеринска и изрази благодарност за посветеноста на Здружената команда во Неапол и НАТО-канцеларијата за врски во Скопје во поддршка на реформите и развојот на Армијата.