Трајковски тврди дека бил во Будимпешта на специјалистички преглед
![Трајковски тврди дека бил во Будимпешта на специјалистички преглед](https://gdb.rferl.org/E20E9E63-1652-48F8-B3A4-4B7F801C2710_cx12_cy3_cw52_w800_h450.jpg)
Советникот на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гази Баба, Александар Трајковски, кој беше снимен на фотографија со поранешниот премиер Никола Груевски во Будимпешта, на денешното рочиште за предметот „Насилство во Центар“ во кој е еден од обвинетите, рече дека бил во Унгарија поради специјалистички преглед за синусите и дишните патишта. Трајковски во Будимпешта заминал по второ мислење за неговата болест, за што приложил и медицинска документација.
Александар Трајковски е вработен во Царинската управа, од каде соопштија дека во времето кога беше објавена фотографијата тој бил на боледување. Од Царината најавија дека е поведена постапка за утврдување дали боледувањето му е оправдано и оти ако се утврдат злоупотреби ќе бидат преземени соодветни мерки.
Фотографијата од Груевски, на која е и Трајковски, беше снимена и објавена од дописник на „Гардијан“ од Будимпешта и е прв фото запис од поранешниот премиер по бегството во Унгарија.