Унгарски опозиционери исфрлени од зградата на националната телевизија
![Унгарски опозиционери исфрлени од зградата на националната телевизија](https://gdb.rferl.org/0B0F3FDF-7ADD-4BC6-B000-3F5099692F4C_w800_h450.jpg)
Двајца унгарски опозициски пратеници утринава беа исфрлени од зградата на унгарската државна телевизија во Будимпешта, каде што ја поминаа ноќта со надеж дека ќе им бидат објавени барањата по антивладините протести, покажуваат видео снимките објавени на социјалните мрежи.
Двајцата независни пратеници поврзани со зелената партија, Акош Хадхази и Бернадет Сел, со сила беа исфрлени од страна на обезбедувањето на телевизијата МТВА, што наиде на остри критики на интернет.
Пратениците велат дека тоа не е приватна телевизија на партијата на премиерот Виктор Орбан, Фидес, туку е телевизија на унгарскиот народ која се финансира од даноците на сите граѓани.
Двајцата се дел од групата од десетина опозициски пратеници кои ноќеска отидоа во седиштето на телевизијата да бараат да се објават нивните барања од синоќешните протести против владата на Орбан, на кои учествуваа околу 15 илјади луѓе. Во текстот од пет точки, меѓу другото, се бара укинување на спорниот закон за работни односи, на чие донесување се против целата опозиција, која речиси секојдневно организира протести. Исто така се бара поголема независност и објективност од државните медиуми.
Десетици социјалистички, либерални и радикални пратеници денеска на социјалните мрежи пишуваат дека успеале да го избегнат обезбедувањето на телевизијата МТВА и дека и понатаму се во зградата. Неколку пратеници најавија дека сакаат да им се придружат во текот на денот.
Неколку илјади граѓани синоќа, четврти ден, протестираа во Будимпешта против донесувањето на Законот за работни односи, кој според критичарите ќе ги ограничи правата на работниците. За денеска се најавени нови протести.