Трамп ќе им биде домаќин на Вучиќ и Тачи во Белата куќа ако постигнат договор
Претседателот на САД Доналд Трамп испрати писмо до косовскиот претседател Хашим Тачи во кое, меѓу другото, бара од него и од останатите лидери на Косово „да го искористат единствениот момент, да говорат едногласно при мировните преговори и да се воздржат од дејствија кои може да отежнат постигнување на договор.
„Косово е клучниот партнер во нашите напори за гарантирањето на мирот и стабилноста во цела Европа. Ги поздравувам вашите сегашни напори за помирување со Србија. Неуспехот во обидот да се искористи оваа единствена можност ќе биде трагадија, со оглед дека е тешко наскоро да се очекува друга шанса за сеопфатен мир“ се вели во писмото кое Трамп го потпишал на 14 декември.
Во писмото се додава дека САД многу инвестирале во успехот на Косово како независна и суверена држава и оти посакуваат Косово и понатаму да се развива.
„Подготвени сме да помогнеме во вашите напори во постигнување на договор кој ќе ги почитува интересите на Косово и на Србија, се вели во писмото.
Исто така е наведено дека Трамп ќе им биде домаќин на Хашим Тачи и на српскиот претседател Александар Вучиќ во Белата куќа со цел прослава на „овој историски договор.“
Косовскиот претседател Хашим Тачи за писмото на Трамп порача дека е обврска на Косово „позитивно да одговори на пријателските барања кои му доаѓаат од САД.“